Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА ги продолжува проектите за обнова и реконструкција на фудбалската инфраструктура во државата. Планот и намерата на Фудбалската федерација на Македонија е средствата од „хет-трик“ програмата на УЕФА, како и други средства од слични фондови на УЕФА и ФИФА, да бидат насочени кон подобрување на условите на стадионите во нашата држава, со цел натпреварувачката сезона 2021. клубовите од МФЛ да ја дочекаат на реконструирани стадиони со што фудбалерите би добиле максимални услови за игра, а гледачите на стадионите и покрај малите екрани уживање во фудбалот.
Во овој период тековни градежни активности се одвиваат на стадионите во Чаир, Охрид, Прилеп и Битола, а за нашата „Куќа на фудбалот“, еден од важните проекти во периодот што следува е целосна обнова со изградба на две нови трибини на градскиот стадион во Штип.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини заедно со потпретседателот, Лазар Ракиџиев и членот на У.О. од ОФС Штип, Димитар Џонов одржаа работен состанок со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски на кој се сложија околу битни прашања и заклучија дека Градот и Федерацијата ќе ја продлабочат својата соработка во заеднички интерес, а тоа првенствено значи развој на фудбалската инфраструктура во Штип и целосна реконструкција на стадионот на ФК Брегалница.