Многумина слушнале за селото Гари, но малкумина имале можност да се запознаат со убавините на ова село. За оние кои не знаат, Гари е мијачко село кое припаѓа во административните граници на Општина Дебар. Селото е сместено на падините на планината Стогово, под шумата наречена Канеш. Низ самото село поминува Гарска Река, која претставува заштитен споменик на природата.
Покрај убавините кои се креирани од шумите, чистиот планински воздух и бистрата вода на Гарската река, селото е особено познато по иконостасот и резбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кои биле изработени од тајфата на далеку познатиот мајстор Петре Филиповски – Гарката.
Сместено длабоко во пазувите на планината Стогово, на надморска височина од околу 1100 метри. Селото се наоѓа во една тесна долина, која произлегува од едно ледничко езерце на Стогово.
Селото претставува одлична авантура за секој кој сака да планинари но и за оние кои сакаат да одморат од гужвите и градот да дишат чист воздух и пијат природна “лековита” вода која ја има во изобилие и да уживаат во уникатните планински и водени пејсажи .
Ние ги посетивме неколкуте атрактивни локации со панорамски поглед кон планинските пејсажи и селото. Во продолжение мал дел од фотографиите со кои се надеваме дека ќе ја доловиме убавината. Ваше останува првиот викенд да го искористите за посета на ова село
Во Село Гари моментално живеат само 10 жители , во селото има хотел и ресторан познат по свежата риба од Гарската река.
Гари било населено од страна на Мијаците во 1760 година, а претходно таа месност била пуста. Според легендата се вели дека во текот на XV век на падините на планината Стогово, во месноста наречена Дрениче постоела црква посветена на Свети Спас, од која неколку пати ја снемувало иконата посветена на светецот. Иконата одлетувала до денешното село Гари, а селаните подоцна ја враќале назад, но настанот се повторувал. Затоа, селаните одлучиле да подигнат нова црква и село на местото каде паѓала иконата.
Бидејќи селото Гари има вода во изобилие која е чиста за пиење директно од изворот или од реката и според мештаните е лековите, фабриката за флаширана вода “Maya” решила да црпи вода од изворите на Гари.
Форумската дискусија за убавините на Македонија проследете ја ТУКА.